Судијата Карлос Бернардес го казни австралискиот тенисер Ник Кирјос со гем за време на вчерашниот меч од четвртото коло на Мастерсот во Мајами против Јаник Синер. Ова се должи на трите опомени во текот на првиот сет, кој Кирјос го загуби во тај-брејк.
Австралиецот ја доби првата опомена за непристојни зборови. За време на тај-брејкот фрли рекет во теренот, но не беше казнет поради тоа. Сепак, при 3:5, Бернардес му упати втора опомена за неспортско однесување. Судијата сметаше дека Кирјос навредувал гледач кога разговарал со некого на трибините. Откако го загуби тај-брејкот, Кирјос побара објаснување од судијата за второто предупредување. Кога Бернардес го искажа своето гледиште (дека зборува за него и генерално премногу зборува), Австралиецот си го скрши рекетот. За ова доби трета опомена и игра казна. Како резултат, Синер излезе на сервирање при резултат 1:0.
Кога требаше да започне вториот сет, на теренот истрча навивач, кој сакаше да направи селфи со Кирјос. Тој бил пресретнат од обезбедувањето.
По мечот кој заврши со 7:6 и 6:3 за Синер, Кирјос не се ракуваше со судијата и го нарече „за.бан ретард“. Вториот збор е погрден термин за лицата со пречки во развојот. Поради ова Кирјос се соочува со нова казна.