Австралискиот тенисер Ник Кирјос оваа сезона нема да одигра ниту еден натпревар на грен – слем турнирите, откако донесе одлука да го откаже настапот и на ЈуЕс Опен.
Ланскиот финалист на Вимблдон оваа година има бројни проблеми со повредите и од почетокот на сезоната одигра само еден меч.
Кирјос во јануари го пропушти настапот на Австралија опен поради повреда на коленото која мораше да ја санира со операција.
Потоа ја пропушти целата сезона на турнири на земјена подлога за да се подготви за настапите на трева, но само еднаш се појави на теренот кога во Штутгарт загуби од Кинезот Ву Џибинг.
Поради нова повреда го откажа настапот на Вимблдон, а сега објави дека се повлекува и од ЈуЕс Опен, кој почнува на 28 август.
Кирјос во моментов е рангиран на 92 место на АТП листата, но на најновата листа која ќе биде објавена в понеделник ќе биде надвор од Топ 100.