Хокеарите на Летонија со сензационална победа од 3-1 над фаворизираната Шведска во Рига првпат во историјата изборија пласман во полуфиналето на Светското првенство.
До историскиот триумф Летонците ги предводеше феноменалниот голман Артурс Шиловс, кој одбрани 40 од 41 удари на шведските хокеари и со тоа им овозможи на своите соиграчи со три голови од 15 обиди да и обезбедат на Летонија место во борбата за медалите.
Противник на Летонија во полуфиналето в сабота ќе биде Канада, која во четвртфиналето одиграно синоќа во Тампере со 4-1 ја совлада Финска. Канада, која е најтрофејна репрезентација во историјата на СП, против Летонија ќе се обиде по седми пат во последните осум настапи да обезбеди мундијалско финале.
Во второто саботно финале ќе играат САД и Германија. Американците во четвртфиналето ја совладаа Чешка со 3-0, додека Германците беа поуспешни од Швајцарија со 3-1.
Германија ќе се обиде за прв пат во историјата да се пласира во финалето, а иако во својата колекција имаат две златни и девет сребрени медали, ниту американските хокеари немаат настап во финале, откако на СП е воведен нокаут системот во 1992 година.
Финалето е на програмата в недела (19:20 часот), а претходно (14:20 часот) ќе биде познато која репрезентација ќе замине од Тампере со бронзениот медал.