вторник, 12. март 2024. Вести денес: 0
home Останати спортови

Кулминација: Еден куп телевизии во регионот ќе го пренесуваат судењето на Ѓоковиќ!

Кулминација: Еден куп телевизии во регионот ќе го пренесуваат судењето на Ѓоковиќ!

Долго исчекуваното појавување пред судот во австралиската сојузна држава Викторија на најдобриот светски тенисер, Новак Ѓоковиќ, ќе се случи точно на полноќ по средноевропско време, а тоа веќе се најавува како голем спектакл, кој ќе биде пренесуван на многу телевизиски канали во регионот.

Националниот сервис во Србија (РТС 1) најавува специјална емисија половина час пред почетокот на судењето, во која ќе бидат објаснети сите детали зошто популарниот Ноле веќе петти ден е во емиграциски притвор во хостел, каде што беше пренесен откако му беше поништена визата за влез во Австралија. Пренос ќе има и на РТРС, националниот канал на Република Српска, а се очекува најмногу да биде гледана програмата на Н1 телевизијата, која се наоѓа во понудата на македонските кабелски оператори, но и во речиси сите останати држави на просторот на некогашна СФР Југославија.

Директно или одложно вклучување во судот во Викторија најавуваат и најголемите светски телевизии, како во Европа така и на останатите континенти, со оглед што случувањата во хотелот „Ројал“ го надминува интересот кој во јавноста побуди филмот со ова име во насловот, а кој беше дел од серијалот за специјалниот агент Џејмс Бонд. Би-Би-Си, Си-Ен-Ен, РАИ, националните телевизии на Франција и на Германија се исто така меѓу тие што од минута во минута ќе ги информираат своите гледачи за сапуницата од Мелбурн.

Ѓоковиќ доби медицински исклучок за да настапи на Австралија опен како невакциниран, но властите и покрај ова не му дозволија да стапне на територијата на оваа држава. Адвокатите на тенисерот се жалеа на одлуката да му се поништи визата, а нејзиниот епилог ќе биде познат набрзо по полноќ, пред очите на стотици милиони заинтересирани во целиот свет.