вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Останати спортови

Латифи се извини: Не сакав да влијаам на борбата за титулата

Латифи се извини: Не сакав да влијаам на борбата за титулата

Никола Латифи вчера беше еден од главните актери во драматичната завршница на Големата награда на Абу Даби во Формула 1 шампионатот.

Возачот на Вилијамс загуби контрола при еден свиок на шест круга до крајот и се заби во оградата. Тоа значеше дека на патеката „Јас Марина“ мора да се појави безбедносното возило.

До тој момент Луис Хамилтон имаше убедлива предност на врвот пред Макс Ферстапен и беше на дофат до шампионската титулата. Сепак, со безбедносното возило на патеката, Холанѓанецот се доближи до Британецот откако прво влезе во бокс да смени нови пневматици. Потоа многу дилеми предизвика директорот на трката, Мајкл Маси. Тој првично не им дозволи на заостанатите болиди да го претекнуваат безбедносното возило. Тоа значеше дека Ферстапен пред себе ќе има пет заостанати болиди, но кратко потоа ја преиначи својата одлука. Па возачот на Ред Бул се појави веднаш зад ривалот од Мерцедес.

Кога трката продолжи буквално во последниот круг, Ферстапен успеа да го помине својот најголем ривал и да ја освои шампионската титула.

Поради ова Латифи испадна еден од клучните возачи на трката, а шефот на Ред Бул, Кристијан Хорнер на шега изјави дека на Канаѓанецот до крајот на животот ќе добива бесплатен Ред Бул.

„Немав таква намера и единствено што можам е да се извинам за моето влијание на трката и поради тоа што ја отворив таа можност“, рече возачот на Вилијамс. „Направив грешка. Имавме сериозен проблем со тој своик цел викенд, па со истрошени пневматици, валкан воздух, направив грешка. Не бев свесен за ситуацијата што се појави откако се појави безбедносното возило и дека влијаев на титулата, но јас направив грешка и си ја уништив и мојата трка“, додаде Латифи.