Пилотот на Формула 1 тимот Ферари, Шарл Леклер демонстрираше затоплување на односите со својот поискусен клупски колега Себастијан Фетел.
Младиот пилот од Монако смета дека е привилегиран што за партнер во тимот го има четирикратниот светски првак. Леклер стана пилот на Ферари на местото на Кими Раиконен и веднаш се наметна кај навивачите. Тој има една победа и девет бода повеќе од Германецот Фетел во генералниот пласман, но не се чувствува главен.
– Себастијан четири пати бил светски првак, јас ниту еднаш. Многу учам од него, собирам искуство, го слушам што бара од инженерите. Не решавам јас кој е број 1, а кој број 2 во тимот. Среќен сум што го имам Себастијан до мене, вели Леклер.