Џудо Федерацијата на Македонија осма година по ред ќе биде дел од глобалното одбележување на Светскиот ден на џудото, кој традиционално се прославува на 28 октомври, роденденот на основачот на џудото, Џигоро Кано, соопштија од Џудо федерацијата на Македонија.
По овој повод, в недела ќе се организира настан на кој заеднички ќе тренираат и ќе ги претстават своите вештини џудисти од повеќе македонски џудо клубови.
– Идејата за заедничкиот настап на џудистите од македонските клубови е во согласност со годинешната тема за Светскиот ден на џудото – Пријателство. Годинашната тема е само продолжение на кампањите преку кои се промовираат вредностите кои ги носи џудото, како што се чест, истрајност, џудо за сите, почит… Овој ден е посветен на сите љубители на џудото, на тренерите, џудистите, како и на сите оние кои со страст, посветеност и љубов го тренираат и промовираат овој олимписки спорт, велат од Џудо федерацијата на Македонија.
Денес, повеќе од 20 милиони луѓе ширум светот секојдневно тренираат џудо, а бројот на оние кои практикуваат џудото во Македонија и во светот постојано се зголемува. Меѓународната Џудо Федерација на Џудо брои 200 земји-членки.
Одбележувањето на Светскиот ден на џудото ќе биде в недела на 28 октомври, во спортската сала „Македонско сонце“ при основното училиште „11 Октомври“ во Скопје со почеток од 12 часот, а на истото освен вљубениците во џудото се очекуваат да присуствуваат и високи претставници на државниот естаблишмент, амбасадори, бизнисмени и останати гости.
МИА