петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Останати спортови

Македонските каратисти подготвени за Светското првенство

Македонските каратисти подготвени за Светското првенство

Будимпешта од 24 до 29 октомври ќе биде домаќин на Светското првенство во карате на кое меѓу 1.100 натпреварувачи од 120 земји од пет континенти ќе настапат и 14 македонски каратисти.

Пред новото големо натпреварување на кое ќе биде собрано елитното друштво, македонското карате со причина има големи очекувања од експедицијата предводена од освојувачот на сребрениот медал на Светското првенство 2021, Емил Павлов.

По повод настапот на македонските каратисти на завршниот турнир во Унгарија, денеска во Агенцијата за млади и спорт (АМС) се одржа прес – конференција на која претседателот Наумче Мојсоски потсети дека каратето е меѓу најтрофејните македонски спортови и на репрезентативците им посака успешен настап.

– Добив информација од челните луѓе на Федерацијата за успешно реализирана соработка на тренинг кампот во Охрид, карате елитата од Хрватска, и се надевам дека споделеното искуство ќе биде мотив плус за подобри резултати во Будимпешта. Посакувам на сите репрезентативци успешен настап на светското првенство, и секако сакаме повторување на остварениот медал на Емил Павлов и успешен настап на новите сениори во тимот, истакна директорот на АМС Наумче Мојсовски.

На пресот свои излагања имаа селекторите Александар Кузмановски и Стојан Андриевски, како и вд претседателот на КФМ, Бесник Мурати.

Павлов и дел од неговите репрезентативни колеги, Берат Јакупи, Петар Спасеновски, Вероника Костовска, порачаа дека физички и психички се подготвени за остварување на високи резултати, кои би дошле благодарение на одличните подготовки и позитивната атмосфера во тимот.