Македонската женска одбојкарска кадетска репрезентација од утре до недела ќе учествува на Балканското првенство во Србија.
Собирот на одбојкарките родени 2006-та година и подоцна почнува денеска, но црвено-жолтите се слободни во првото коло, бидејќи во групата „Б“ во која се натпреваруваат има три репрезентации, а ждрепката одреди Турција и Романија први да истрчаат во спортската сала во Врање.
Избраничките на селекторката Јована Јањиќ утре ќе се соочат со Романија, а в петок со Турција, по што ќе продолжат во битката за медалите, или, пак, за пласман од петтото до седмото место. Во групата „А“ се Србија, Босна и Херцеговина, Молдавија и Бугарија, а првите два национални состава од двете конкуренции ќе обезбедат полуфинале. Доколку е трета, Македонија ќе игра со четвртопласираниот тим од групата „А“, а со триумф ќе учествува и во натпреварот за петтото место во конечното рангирање.