петок, 24. ноември 2023. Вести денес: 0
home Останати спортови

Медалистите од ЕП во карате дочекани како херои во Скопје

Медалистите од ЕП во карате дочекани како херои во Скопје

Делегацијата на КФМ се врати во земјава, по извонредните резултати постигнати на европското првенство за кадети, јуниори и помлади сениори (У21). Делегацијата беше пречекана од претставници на Извршниот одбор на Карате федерација на Македонија, тренери и спортисти од повеќе наши клубови, како и членови на нивните семејства.

На ова првенство македонските каратисти постигнаа резултати кои се меѓу најдобрите во историјата на младинските првенства, со четири медали во конкуренција на 45 земји со илјади млади каратисти. Стефан Стојановиќ освои јуниорско злато, Столе Смилковски сребро во У21, Андреј Басаров сребро за кадети а Матеј Белистојаноски бронза за јуниори. Во квалитетниот настап се надополнуваат едно петто, четири седми места а неколку наши натпреварувачи имаа по две или три победи, што за нив и за другите е поттик дека можат во иднина и тие да освојат медал. Младите каратисти беа предводени од селекторите Александар Кузмановски и Арлинд Хусеини во борби и Стојан Андриевски во кати, а во делегацијата беше и Боби Војдиновски, еден од најдобрите светски судии, кој ја преставуваше федерацијата на високо ниво.

Големите успеси на 48-тото Европско првенство во Тампере е уште една потврда дека Карате федерацијата на Македонија не случајно со години е пример за успех и организација која во континуитет постигнува врвни резултати во сите возрасни категории и дека имаме иднина и вистински наследници на поранешните и актуелните шампиони, кои го прославија каратето и македонскиот спорт воопшто.