Селекторот на машката одбојкарска репрезентација Јошко Миленкоски изјави дека триумфот над Данска ја подобрил атмосферата и на терен и надвор од него, па и подготвувањето оди подобро. Сега овој меч е најважен за нас, бидејќи може и математички да го расчисти патот кон осминафиналето.
„Присутно е задоволството од првиот натпревар и постигнатата победа. Тоа ни дава некоја атмосфера и на тренинзите и во хотел. Важна беше таа победа, но беше само прв чекор, ние се подготвуваме за вториот, натпревар кој ќе ни ги отвори вратите на вториот круг. Меѓутоа се гледа и од денешниот меч Данска – Чешка дека е неизвесно и сигурно дека ќе има неизвесни мечеви до крајот на групната фаза. Она што е сигурно дека ние сме на вистинскиот пат. Очекуваме полна поддршка и на натпреварот со Црна Гора, тука ќе биде клучот, се надевам дека и по тој натпревар ќе бидеме добро расположени, па да се подготвуваме растоварено за тие врвни екипи кои не очекуваат“, вели Миленкоски.
Црна Гора е познат противник, нашиот стручен штаб имаше можност да ја скенира и вчера, при поразот од Холандија, па не е ставена во прашање тактичката подготовка.
„Имаме добра стратегија, добро ги анализираме сите противници. Мислам дека сме многу искусни во тој дел, имаме добри аналитичари и не е спорно дека добро ќе го подготвиме натпреварот, останува само тоа да се реализира на терен. Играчите се навистина искусни, ова им е трето ЕП, интернационалци се, во најзрелите години, секој си ја знае својата задача. Во тој дел сме перфектни“, додава Миленкоски.