Селекторот на Македонија, Јошко Миленковски, по натпреварот против Холандија и поразот од 0-3 во сетови говореше за играта на „црвено-жолтите“ и дуелот со еден од фаворитите во нашата група на ЕП 2023.
Предводникот на најдобрата селекција по вториот пораз на континенталниот собир кажа дека повредата на капитенот Никола Ѓорѓиев го разнишала тимот и дека недостасувале неговите поени на дуелот со „лалињата“.
„Штета што немавме време малку да ја вежбаме оваа формација, но повредата на Никола дојде изненадувачки. Самодовербата ни беше разнишана, ненадоместиво е вакво неиграње. Ако на холандскиот состав не им е Нимир, ќе им биде тешко. Денес одигра цел натпревар против нас, а претходно редовно беше ротиран. Не сакам да го форсираме Никола, ако не може – нема да игра и со Чешка. Треба да го сочуваme за натпреварот во Бари.
Околу нокаут-фазата, Италија или Србија нема голема разлика во елиминационата фаза. Италијанската репрезентација пред 10.000 гледачи е голем предизвик. Ако играме со европскиот и светскиот првак задоволство ќе биде да се игра. И против Србија е слично, тие се поранешни шампиони и имаат неспорен квалитет. Да им се извиниме на гледачите, но играме против најдобрите селекции во светот и Полска и Холандија не се исто како Данска и Црна Гора. Денес и Лука Костиќ и Стојан Илиев добија свои минути. Го имаме најмладиот одбојкар на првенството, Тоше Ефремов, кој е „бисер“ и кој верувам ќе биде лидер на нашата селекција во иднина.
Денес пробавме да играме без Никола, утре имаме уште еден тренинг и пак ќе ги пробаме ротациите. Нашиот спорт е специфичен, не е лесно да се игра на туѓа позиција. Мора да имаме шема како треба да стојат одбојкарите за да не ги нарушат правилата на играта. Тоа гледачите не можат да го забележат, но без тоа внимание можеме да направиме техничка грешка и судиите да ни изречат казна. Најдобра варијанта е Никола Ѓорѓиев да е здрав и да игра. Неговите поени не се малку, тоа е како да фали Кире Лазаров на нашата репрезентација во ракомет“, изјави Јошко Миленковски.
Одлучувачкиот натпревар за подобар пласман е дуелот против Чешка утре од 20:00 часот.