недела, 19. ноември 2023. Вести денес: 0
home Останати спортови

МОТО ГП: Бецеки триумфираше во Индија

МОТО ГП: Бецеки триумфираше во Индија

Првата Голема награда на Индија која се возеше во историјата Мото ГП беше ново искуство за сите возачи во „кралската класа“, но стазата со доста непознати на крајот најдобро му легна на Марко Бецеки.

Возачот на тимот кој е во сопственост на Валентино Роси оствари голема победа на индиско тло и демонстрираше доминација од самиот старт, па така стигна до својот трет триумф во актуелната сезона.

Бецеки беше недопирлив за конкуренцијата и возеше своја трка, но зад него одличен успех оствари Хорхе Мартин, кој максимално профитираше и од новиот пад на Пеко Бањаја.

Шпанскиот возач од редовите на Прамак Дукати успеа да заврши пред Фабио Квартараро од Јамаха, а со тоа сериозно си ги зголеми шансите да стигне од шампионската титула.

Бањаја петти пат сезонава остана со „нула“ на главна неделна трка, па сега неговата предност значително се стопи и сега има само 13 бода повеќе од Мартин. Трет во генералниот пласман е денешниот победник Бецеки, кој исто така има реални шанси на седум трки пред крајот со заостанување од 44 поени.