Шпанскиот тенисер Рафаел Надал ќе ја заврши сезоната на првото место на АТП листата по петти пат во својата кариера.
Тенисерот од Мајорка ја обезбеди првата позиција по синоќешниот пораз на Новак Ѓоковиќ од Роџер Федерер на завршниот турнир во Лондон.
Ноле можеше да остане прв само во случај на победа на турнирот, но претрпе втор пораз на три натпревари и не успеа да се пласира во полуфиналето.
Надал стана петтиот тенисер што ја завршува сезоната прв најмалку пет пати во својата кариера. Со вакво достигнување може да се пофали Ѓоковиќ (5 пати), Федерер (5), Џими Конорс (5) и Пит Сампрас (6).
Рафа заврши на лидерските позиции во сезоните 2008, 2010, 2013 и 2017 година. Тој има освоено четири трофеи оваа сезона, меѓу кои и два Гренд слем – Ролан Гарос и „Ју Ес Опен“. 33-годишниот Надал е најстариот тенисер кој станал најдобар на крајот на годината.