Последниот тениски грен-слем во годината ќе почне идниот викенд, без Новак Ѓоковиќ, поради забраната за влез во САД на невакцинирани, па неговиот голем ривал, Рафаел Надал, ќе има олеснета работа да дојде до 23. трофеј од големите турнири.
За американските медиуми тој синоќа проговори за ситуацијата со Ѓоковиќ, велејќи дека му е жал, но дека спортот е поголем од секој поединец и ќе постои без секого.
„Знаевме дека Новак нема да игра на некои турнири, ако се променат правилата, нели? Тоа го знаевме со месеци. Од моја перспектива, тоа се тажни вести. Секогаш е срамота кога најдобрите спортисти на светот не можат да учествуваат на најдобрите натпреварувања поради повреда или од некоја друга причина. Во овој случај, секогаш е загуба кога немате еден од најдобрите во историјата на грен-слемите. Меѓутоа, спортот е поголем од кој било играч. Јас пропуштив многу турнири поради повреда во текот на кариерата. Минатата година не бев овде, пред таа исто така. Турнирот си функционираше и се си течеше како што треба. Можеби не се добри вести, но тенисот ќе живее и по мене, Новак и Роџер. Новак е еден од најголемите во овој спорт и жал ми е што не е овде“, рече Шпанецот.
Тој има четири трофеи од Ју-Ес опен и 22 од грен-слемите, еден повеќе од Ѓоковиќ, па на овој турнир ќе се обиде да го продлабочи својот рекорд.