Најдобрата македонска одбојкарска репрезентација во својот последен трет натпревар на на меморијалот „Бранко Хаџииљоски – Чајка” загуби од Грција со 3:0 во сетови.
Првите два сета беа понеизвесни кои Грците ги добија со 23:25 и 22:25, а во третиот беа најубедливи со 16:25.
Со биланс една победа и два порази на 47-то издание на традиционалниот турнир Македонија ќе го дочека Европското првенство во Скопје кое ќе почне на 30 август.
Првото место на турнирот „Чајка“ го освои Грција, второпласирана е селекцијата на Јапонија, на третото место се најде Египет, а Македонија завршува на последното четврто место.
Во претходните два меча избраниците на селекторот Јошко Миленкоски на турнирот претрпеа пораз од Јапонија со 0:3, а триумфираа над Египет (3:2).
Потсетување дека претстојното ЕП ќе се организира во четири земји, во Македонија, Италија, Бугарија и Израел, во периодот од 28 август до 16 септември.
Нашите најдобри одбојкари се во групата „Ц“ заедно со Чешка, Данска, Црна Гора, Холандија и Полска, и натпреварите ќе ги играат во СЦ „Борис Трајковски“.
Првиот меч македонската селекција ќе го има на 30 август против репрезентацијата на Данска.