Средниот блокер на одбојкарската репрезнтација Ристо Николов вели дека среќата посакала Македонија да игра во скоро идентична група како на деби настапот во Љубљана. Поради тоа репрезентативците веќе ги знаат предизвиците, а прв меч ќе биде против домаќинот.
„Групата речиси цела се повтори освен две репрезентации коишто се променија, но можам да се согласам со забелешката дека сме помирни, ја нема таа еуфорична трема како тогаш. Би било добро сега да започнеме со победа, па да видиме како ќе се развиваат настаните натаму. Сега размислуваме само за Финска затоа што така е најпаметно без оглед дали играме квалификации, Европска лига, или, пак, Европско првенство. Размислуваме натпревар по натпревар бидејќи веќе сме искусна екипа и нема зошто да се залетуваме. Напротив, ќе одиме полека“, изјави Николов.