Трката од Формула 1 за Големата награда на Катар ќе се одржи на 21 ноември во Доха, соопшти денеска менаџментот на натпреварувањето.
Ова ќе биде прва трка од Формула 1 во Катар, а од 2023 година ќе се најде во редовниот натпреварувачки календар, откако со организаторите е потпишан договор на 10 години.
Натпреварувачкиот викенд во Катар е на програмата од 19 до 21 ноември, а трката во Доха ќе биде 20-та во сезоната. Управата на Формула 1 со тоа го пополни испразнетото место во календарот, по откажувањето на трката во Австралија.
„Постоеше силна волја од Катар да и помогне на Формула 1 и во текот на овој процес расправано е и договорено е партнерство на 10 години. Чекорот од гест да се помогне до долгорочна стратегија беше краток и едноставен, а визијата за Катар да ја претставува Формула 1, по Светското првенство во фудбал во 2022 година беше движечка сила за овој долгорочен договор“, стои во соопштението на Формула 1.