Примерот на враќањето на фановите на фудбалските борилишта наиде на позитивни вибрации и наскоро со присуство на гледачи своите натпревари ќе ги играат и одбојкарите. Владата даде „зелено светло“ за присуство на гледачи во спортската сала „Парк’“ во Струмица на завршниот турнир од Европската сребрена лига.
На турнирот на кој ќе настапат Македонија, Данска, Хрватска и Унгарија дозволено ќе биде присуство на 30% од капацитетот а меѓу присутните задолжителна е социјална дистанца. Македонските одбојкари може да ја очекуваат поддршката од публиката во походот за ново финале од ова натпреварување, но и освојување на златните одличја.
По одличниот настап во Шлагелсе во Данска, в сабота на завршниот турнир на Европската сребрена лига со почеток во 17:00 часот, македонската репрезентација ќе се соочи со Хрватска и со евентуална победа ќе се бори за златото против подобриот од дуелот меѓу Унгарија и Данска.