По долгиот пат до Тампере, македонската машка одбојкарска репрезентација денеска го одржа и првиот тренинг во пресрет на стартот на Европското првенство.
Нашите одбојкари денеска тренираа во малата сала во Тампере која е наменета за тренинзи надвор од официјалниот распоред, а веќе утре избраниците на селекторот Душко Николиќ ќе имаат два тренинга во пресрет на мечот со Финска в среда.
Официјалниот тренинг пред дуелот со Финците ќе се одржи во вторник и ќе биде реализиран во салата во која ќе се играат натпреварите на Еуроволеј 2021.
„Имавме долг и напорен пат. Навистина се изморивме, но добро спиевме и еве денеска ни останува да се одработи овој единствен тренинг, па утре ќе имаме според распоредот уште два. Се средивме и мислам дека сега мислиме само на она што не чека в среда со Финска“, ни изјави капитенот на нашата репрезентација, Никола Ѓорѓиев.
Македонија второто учество на европските шампионати го почнува в среда во Тампере од 19 часот против селекцијата на Финска.