Романија, Албанија и Босна и Херцеговина ќе бидат противници на македонските одбојкари во Европската сребрена лига 2022.
За разлика од претходната сезона, натпреварувачкиот систем ќе биде лигашки, што значи дека во нашата група „Б“ ќе има шест кола, односно секој ќе игра дома и на гости.
Најдобрата репрезентација ќе обезбеди настап на завршниот турнир во Унгарија, а шанса ќе има и за второпласираната, но во зависност од расплетот во групата „А“. Во неа ќе има само три репрезентации, а покрај организаторот на завршницата – Унгарија, во оваа конкуренција се Финска и Азербејџан.
Северна Македонија првиот натпревар го игра на 25 мај против Босна и Херцеговина, по што следи гостување кај Романија, па два меча против Албанија. Потоа ја пречекуваме Романија на домашен терен и гостуваме кај БиХ.
Завршниот турнир ќе се одржи во Унгарија на 18 и 19 јуни следната година. (МИА)