Претседателот на Меѓународниот олимписки комитет (МОК) Томас Бах, за време на состанокот со првиот човек на организацискиот комитет на Токио 2020, Сеико Хашимото, јапонската престолнина ја нарече најподготвен град за игрите.
– Успеавте да го направите Токио најподготвениот град за Олимпијадата во историјата на игрите. Во вакви околности организацијата добива на важност. Вие и вашите колеги можете да бидете целосно задоволни од сработеното. Остануваат уште 10 дена до почетокот на натпреварот, така што има уште многу да се направи. Нашата задача ќе биде завршена само кога спортистите ќе го напуштат Токио, изјави Бах за „НХК“.
Олимписките игри во Токио кои требаше да се одржат минатата година, поради пандемијата на коронавирус, се презакажани за периодот 23 јули – 8 август. Многу натпревари ќе се одржат без гледачи.