Грчката машка ватерполо репрезентација го постигна најголемиот успех на Олимписките игри, откако претпладнево избори пласман во финалето со триумфот од 9-6 (2-1, 1-1, 2-2, 4-2) над актуелниот европски првак Унгарија.
Грција до шестата победа во седмиот настап на Игрите во Токио дојде на својот стандарден начин, со одлична игра во одбраната и расположениот Стилијанос Аргиропулос во нападот со четири голови.
Со триумфот во полуфиналето, Грција го постигна најголемиот успех во својата историја, обезбедувајќи го првиот олимписки медал во ватерполо. Досега, највисок пласман им беше четвртото место на Игрите во Атина 2004.
Грција во финалето, кое е на програмата в недела со почеток од 9:30 часот, ќе игра со победникот од второто полуфинале меѓу Србија и Шпанија. (МИА)