Во разговор со квотербекот на Грин Беј, Арон Роџерс, американската тенисерка Серена Вилијамс најави можно враќање на терените и настап на грен – слем турнирот во Вимблдон.
Токму од минатогодишниот Вимблдон трае долгата пауза за освојувачката на дури 23 грен – слем титули во кариерата. Лани во првото коло на Вимблдон, Серена го предаде дуелот против Алиаксандра Саснович поради повреда на ногата и оттогаш Американката е надвор од тенисот.
Во меѓувреме се спушти на 246 место на ВТА листата и сè уште е под знак прашање дали и кога 40-годишната Серена ќе се врати на теренот.
– Роџерс и јас разговараме на социјалните мрежи. Навиваше и ме подготвуваше да се вратам на тенисот во Вимблдон. Искрено, нестрпливо го чекам тој момент, прераскажа Серена, која има седум титули во Вимблдон, но последната во 2016 година.