Публиката во Париз, а и онаа покрај малите екрани, се радуваше на долго исчекуваниот натпревар на Ролан Гарос, во кој денеска после 16 часот требаше да се сретнат Марија Шарапова и Серена Вилијамс, но само еден час пред почетокот на средбата, Серена се откажа од понатамошните настапи на овој Гренд Слем поради повреда.
Како што пренесува „BBC“, искусната тенисерка, која во септември ќе го прослави 37 роденден, се предаде, поради повреда на раката на тренинг пред овој меч.
Серена Вилијамс досега играше одлично во Париз и загуби само еден сет во воведните три кола, како и нејзиниот несуден ривал Марија Шарапова, уште една поранешна број 1 WTA тенисерка.
Иако дуелот помеѓу Серена и Шарапова слободно можеме да го класифицираме како вистински „тениски класик“, сепак Серена е таа што е многу подоминантна во меѓусебните дуели и има 19 победи и само три порази.
Шарапова сега без да игра се пласираше во четвртфиналето од Ролан Гарос, кој досега го освојуваше два пати (2012 и 2014 година), а таму ја очекува подобрата од дуелот помеѓу Мугуруза и Цуренко.
Четвртфиналните парови:
Симона Халеп – Кербер/Гарсија
Марија Шарапова – Мугуруза/Цуренко
Јулија Путинцева – Медисон Киз
Слоун Стивенс – Дарија Касаткина