среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Останати спортови

Шаховскиот клуб АЛКАЛОИД ќе учествува на Светскиот сениорски екипен шампионат за ветерани за 2023 година

Шаховскиот клуб АЛКАЛОИД ќе учествува на Светскиот сениорски екипен шампионат за ветерани за 2023 година

Најсилното шаховско натпреварување за сениори/ветерани во светот, чија организација од страна на Светската шаховска организација (ФИДЕ) е доделена на Шаховската федерација на Македонија, ќе се одржи од 18 до 29 септември, во хотел Изгрев (Струга).

Согласно турнирскиот правилник, на Светското екипно првенство за сениори имаат право да учествуваат репрезентации и шаховски клубови, предуслов е да сите играчи од една екипа бидат во соодветната возрасна категорија и регистрирани во иста земја. Македонскиот лидер и најуспешен клуб Алкалоид го пријави своето учество во категоријата на екипи со играчи постари од 50 години, со просечен рејтинг на екипата (се пресметува како просек од првите четири играчи) од 2436, а во екипата се вклучени врвните македонски велемајстори и долгогодишни членови на клубот (долги години носители и на државната репрезентација):

Кирил Георгиев, супервелемајстор (највисок рејтинг 2725 во Блиц шах), носител на медал од светски шампионати (светски јуниорски шампион), еден од ретките кој во меч го победил поранешниот светски шампион Гари Каспаров

Тајко Недев трикратен државен шампион, освојувач на сребрен медал за поединечен резултат на Европско Екипно првенство 2003 година, поранешен најпрво член а потоа и селектор на државната репрезентација

Влатко Богдановски седумкратен државен шампион, долги години столб на државната репрезентација, поранешен член а потоа и селектор на женската сениорска репрезентација

Звонко Станојоски шестократен и актуелен државен шампион, фронтмен и прва табла на државната репрезентација на последната Шаховска Олимпијада во 2022 година

Роландо Кутиров, двократен државен шампион, поранешен најпрво член а потоа и селектор на државната репрезентација

Драгољуб Јаќимовиќ двократен државен шампион и освојувач на златен медал за поединечен резултат на Шаховската Олимпијада 2000 година поранешен најпрво член а потоа и селектор на машката сениорска репрезентација.

Мошне добро познати на спортската јавност, шахисти кои дале исклучителен придонес во развојот и резултатите на македонскиот шах а во составот на репрезентацијата несебично и посветено ги бранеле боите на националната репрезентација на многу шаховски Олимпијади и Европски и државни екипни првенства. Kако долгогодишни членови на Алкалоидовата екипа се носители на 25 екипни шампионски титули (од кои 11 се во континуитет вклучително и овогодинешната)!

Алкалоид важи за еден од најпознатите европски шаховски клубови, континуирано под спонзорство на фармацевтскиот гигант преку четири децении, европски шампион од 2016 и вицешампион од 2017 година, за кој настапуваа врвни шаховски велемајстори вклучително и актуелниот светски шаховски шампион Динг Лирен од Кина.

Ова прво учество на Алкалоид на светски екипен сениорски шампионат е нов мотив и предизвик, желба повторно да се постигне резултат со кој македонската шаховска и севкупната спортска јавност ќе се гордее. Познавајќи го аналитичкиот и победничкиот дух на овој наш шаховски гигант, да му посакаме среќа и сигурни сме дека екипата ќе ги вложи сите напори за да ја оствари поставената целт за овој турнир – освојување на еден од медалите!

Конкуренцијата на турнирот според пријавените екипи и состави ќе биде силна. Анализата на екипите и играчите, посебно за првите три места покажува дека за првите три места во потесен круг ќе се борат шест екипи (рангирани и според просечниот рејтинг на првите четири табли, но и според играчите кои настапуваат) и тоа:

САД, со просечен рејтинг од 2549 е главен фаворит, во своите редови го има супервелемајсторот Владимир Акопиан (највисок рејтинг имал 2713 во 2008 година, своевремено во светската елита топ ТОП 10, неколкукратен светски јуниорски шампион, носител на златен олимписки медал) со рејтинг 2602 (роден и долги години настапуваше за репрезентацијата на Ерменија) кој во 2003 година играше за екипата на Алкалоид на Европскиот клупски куп (освои 5 поени во 6 партии и златен медал на првата табла за најдобар резултат). Интересно е што комплетната екипа на САД е составена од мошне силни велемајстори (Грегори Каиданов, Јан Елвест, Александар Шабалов, Игор Новиков) кои се родени и претходно настапувале за други држави.

Англија, важи за втор фаворит, со просечен рејтинг од 2467, на чија прва табла е пријавен супервелемајсторот Мајкл Адамс (во периодот 2000-2002 меѓу топ 5 во светот, највисок рејтинг имал 2761 во 2013 година, поранешен светски јуниорски шампион, долги години лидер на англиската репрезентација) со рејтинг 2662. И останатите членови на екипата се велемајстори кои порано важеле за доста силни.

Италија,со просечен рејтинг од 2438 е во групата репрезентации со Исланд и Алкалоид кои според почетното рангирање се со приближно ист просечен рејтинг. Предводена од искусните Давид Алберто и Микеле Годена, но и останатите членови на екипата се со изедначена снага и секако ќе бидат предизвик на конкурентите за медал на овој светски сениорски шампионат.

Исланд, со просечен рејтинг од 2435, екипата ја предводат велемајсторите Хелги Олафсон и Јохан Хјартарсон, но и останатите тројца велемајстори членови на екипата се со големо искуство од многу турнири, кои веруваат во себе и силата на својата екипа.

Црна Гора, со просечен рејтинг од 2346, предводена од Велемајсторот Небојша Никчевиќ (рејтинг 2358) и со доста хомогена екипа од останати четири интернационални мајстори, добро познати и на македонската јавност, вклучително и интернационалниот мајстор Богдан Подлесник (добро познат и во банкарската индустрија како искусен долгогодишен менаџер) кој настапи и на тукушто завршеното македонско државно екипно првенство.

Во секој случај светскиот сениорски шампионат ќе биде мошне интересен за следење, па сосема е разбирливо што македонската шаховска јавност со нетрпение го чека почетокот на ова натпреварување на кое ќе навива за своите шахисти и тоа екипата составена од членови на македонскиот Национален сојуз на слепи шахисти, а посебно во борбата за медал ќе го бодри својот миленик екипата на Алкалоид.