недела, 19. ноември 2023. Вести денес: 0
home Останати спортови

Случај Поп Ацев: Маленко вели не е крив, во федерацијата поднесена оставка, АМС жали што не била порано информирана

Случај Поп Ацев: Маленко вели не е крив, во федерацијата поднесена оставка, АМС жали што не била порано информирана

Еден од најдобрите македонски пливачи во историјата и светски првак  во маратонско пливање за 2015 година и првиот Македонец кој победил на Охридскиот маратон, остана без учество на Европското првенство во Глазгов, откако Пливачката федерација на Македонија не го пријавила за учество, иако како што тој вели уште во февруари ја исполнил нормата дадена од ПФМ.

-Чувствувам обврска да ја објаснам сегашната ситуација околу Европското Првенство во Глазгов. Во Февруари ја исполнив нормата дадена ПФМ за настап на Европското Првенство и во изминатата година цела моја енергија фокус тренинг и мотивација беше за ова Првенство. До последен ден добивав лажни информации од ПФМ и верував дека се е во ред со мојот настап. Може да замислите колку беше разочарувачки и тажно за мене кога со веќе пола спакувана торба видов на стартната листа (пред само два дена) дека моето име не е таму. Имам едно објаснување од ПФМ( нема ни да се осмелам да го објаснувам зашто е патетично и понижувачко ) и сосема спротивно од ЛЕН која вели дека мојата Федерација не пратила пријава воопшто. За тие кои ме познаваат или кои се натпреварувале на интернационално ниво ќе разберат дека за моите разочараност огорченост и болка нема зборови да се опишат. Уште поболно е дека луѓето одговорни за оваа ситуација се натпреварувале на исто ниво и се свесни колку ми значеше настапот на ова Првенство и колку можев да постигнам. Мислам дека тешко ќе му биде на секој нормален човек да си објасни зашто ова ми го направија и до последен момент ме лажеа, но ако некој знае слободно нека пише во коментар или нека ми се јави, пишува на Фејсбук Поп Ацев.

Тој статусот на Фејсбук го завршува со констатација дека ниту еден спортист не заслужува и не треба да го доживее тоа што тој го доживеал, па дека од таа причина решил јавно да сподели.

Овој статус на Поп Ацев и потегот на ПФМ предизвика жестока дискусија кај многумина на социјалните, кои сметаат дека Поп Ацев со оглед на неговите досегашни успеси, како и со тоа дека ја исполнил нормата требало да добие шанса за настап во Глазгов.

Од ПФМ, во соопштение потпишано од претседателот Александар Маленко, пак велат дека Поп Ацев не ги исполнил условите за учество, иако пливачот го тврди спротивното. Тој во својот статус на Фејсбук кажа дека имал обезбедено норма за настап на првенството во Глазгов.

Случајот околу Поп Ацев, сепак не завршува, од федерацијата тврдат дека тој не ги исполнувал условите, пливачот пак тврди бил лажен до последниот ден од нивна страна. Дополнителна дамка на работата на федерацијата пак фрла и денешната оставка на членот на Управниот одбор на ПФМ, Александар Поповски, кој како причина ја наведе неправдата направена кон Поп Ацев.

-Се работи за неправда која му е нанесена на нашиот пливач Евгениј Поп Ацев …. Од март месец до денешен ден на повеќе наврати раководството на ПФМ, од неразбирливи причини за мене го опструираат неговото учество на значајни маратонски трки, а врв на сето тоа однесување е ненавременото пријавување за Европското првенство кое се одржува во Глазгов и покрај ветувањата од нивна страна пред месец дена дека се е во ред и дека Евгениј ќе настапи на истото, наведува Поповски.

Откако еден од најдобрите пливачи во историјата на Македонија ја загуби шансата за настап во Глазгов и јавно го обелодени овој скандал, Агенцијата за млади и спорт (АМС) реагираше во врска со случајот на Евгениј Поп Ацев и по повод последните случувања во Пливачката федерација на Македонија (ПФМ). Од АМС наведуваат дека внимателно го следат случајот.

–Евгениј Поп Ацев е еден од најуспешните македонски пливачи и еден од најголемите спортски амбасадори на нашата држава, кој безрезервно е поддржан во сите неговите настапи и натпреварувања од страна на АМС. Изразуваме жалење што АМС не била порано информирана дека иако има постигнато норма нема да биде пријавен да учествува на ова првенство, како би можеле писмено да реагираме до надлежните меѓународни спортски институции и да најдеме начин да го поддржиме, стои во соопштението на АМС.

Од Aгенцијата нагласуваат дека се залагаат за системско решавање на проблемите во пливањето, за во иднина да нема вакви случаи, кои се на штета на спортот и спортистите, кои ја претставуваат нашата земја.

–Ги повикуваме сите инволвирани кои одлучиле Евгениј да не учествува во Европското првенство во Глазгов да се произнесат во јавноста со сериозни факти и аргументи врз кои ја донеле оваа одлука и да сносат соодветна одговорност, наведуваат од АМС.

Инаку, Поп Ацев има големи успеси во кариерата, како што веќе споменавме како што е победата на Охридскиот маратон во 2015-та, прв Македонец кој успеал во тоа, како и титулата светски првак во маратонско пливање истата година, тој во 2015-та беше и прогласен за спортист на Македонија.