Идната година во јануари повторно по двегодишна пауза поради пандемијата на Ковид-19, Оукленд ќе биде домаќин на ВТА и АТП тениски турнири бидејќи се релаксираат строгите ограничувања за влез во Нов Зеланд.
Турнирот за тенисерки, кој традиционално се одржува во првата недела од новата сезона во Оукленд, последен пат беше организиран во 2020 година, кога титулата ја освои Американката Серена Вилијамс.
Оукленд, исто така, традиционално е домаќин и на машкиот тениски турнир пред стартот на Австралија Опен.
– Бројните позитивни најави од владата минатиот месец пробудија надеж дека ќе можеме да ги организираме турнирите во 2023, соопштија денеска организаторите, најавувајќи оти женскиот турнир би требало да се одржи од 2 до 8 јануари, додека машкиот од 9 до 14 јануари.