Олимпискиот шампион Шабан Трстена, денес, ќе додели пет Златни олимписки оскари за личности и институции кои го поддржувале во неговата кариера. Ова е петта ваква манифестација со која легендата на македонскиот спорт сака да и се заблагодари на неговите поддржувачи.
Претходни добитници на олимписките оскари се: претседателот на МОК, Васил Тупурковски; Дарко Каевски како директор на Агенцијата за млади и спорт; поранешниот селектор на боречката репрезентација, Насе Насев; Милош Вучидолов – доктор на репрезентацијата; Хајруш Синани, како негов тренер; доајените на македонското спортско новинарство, Атанас Костовски, Зоран Михајлов, косовскиот новинар Агим Касаполи; Ѓорѓи Кузмановски – претседател на Сојузот на спортови на Град Скопје; Антон Серечи – спортски новинар во радио Скопје на албански јазик; Мирослав Наумовски – долгогодишен спортски новинар; Мигена Горенца – главен и одговорен уредник на МТВ на албански јазик и Ванчо Чифлиганец – почесен претседател на Сојузот на боречки спортови, медиумските куќи МТВ и Алсат.
Шабан Трстена е роден на 1 јануари 1965 во Скопје. Трстена е освојувач на златен медал на Олимписките игри во 1984 година во Лос Анџелес и на сребрен медал на Олимпијадата во 1988 година во Сеул. Тој беше европски шампион во 1984 и 1991 година, освојувач на сребрени медали на првенствата во 1983, 1985 и 1986 година и бронзени во 1982 и 1988 година. Прогласуван е за „Спортист на 20. век“ во нашата држава, седум пати за „Спортист на годината“ на Македонија, 10 пати за „Најдобар спортист“ на Град Скопје и еднаш за „Најдобар спротист“ на поранешна СФР Југославија.