Милиони обожаватели на Роџер Федерер ќе имаат уникатна можност да поседуваат дел од спомените од кариерата на швајцарскиот великан, откако тенисерот најави дека ова лето ќе организира аукции на своите лични предмети.
Освојувачот на 20 грен-слем титули на две аукции во јуни и јули ќе стави на продажба голем број лични предмети со цел да собере средства за својата фондација која ги помага образовните процеси за децата во Африка и родната Швајцарија
На првата аукција, на 23 јуни, ќе се најдат вкупно 20 предмети, вклучувајќи тениски рекети и облека, секој од нив поврзан на некој начин со 20. грен-слем титули на Федерер. Цените ќе се движат од 3.000 до 70.000 фунти.
– Секој од понудените предмети на овие аукции носи белег од мојата тениска кариера и ми овоможува да споделам дел од личната архива со своите обожаватели низ светот, изјави Федерер, кој има освоено осум титули во Вимблдон, шест на Австралија Опен, пет на ЈуЕс Опен и една на Ролан Гарос.
– Што е уште поважно, додаде швајцарскиот тенисер, приходот од аукциите е наменет за „Фондацијата Роџер Федерер“ за да ни помогне да продолжиме со поддршка на образованието на децата во Африка и Швајцарија.
Од аукциската куќа „Кристи“ изразија очекување дека вкупниот приход од аукциите, од кои на втората ќе бидат понудени 300 лични предмети на Федерер, би можел да достигне 1.5 милиони фунти.