РК Алкалоид славеше над Вардар Неготино со убедливи 36-23 и за првпат во клупската историја обезбеди учество на завршниот турнир од Купот на Македонија.
Амбициозниот скопски проект главната работа во својата група ја заврши со триумфот во вчерашното полуфинале над градскиот ривал Бутел, по што избраниците на Кире Лазаров во денешното финале ја оправдаа фаворитската улога и обезбедија билет за Ф4.
Дамјан Митев со седум гола беше најефикасен во победничкиот тим, во чии редови Стојков постигна шест, а Кофилоски, Стојковиќ и Симоноски по четири погодоци. Најдобар поединец во таборот на Вардар Неготино беше Адамовиќ со девет гола, осум од нив во првото полувреме.
За потсетување, пред Алкалоид учеството на Ф4 во Купот на Македонија како победници во своите групи го обезбедија и Пролет, Еурофарм Пелистер и Вардар.