Македонскиот ракометен шампион Вардар одигра фантастично во првиот дел на натпреварот со унгарски ПИК Сегед и на одмор замина со водство, но во вториот дел следуваше нов пораз 34-33.
По мечот првиот тренер на тимот Стевче Алушовски не го криеше своето незадоволство од прикажаната игра на своите избраници и истакна дека воведните 15 минути од второто полувреме биле пресудни за поразот.
„Одигравме доста добар меч посебно во фаза на нападот. Но, имавме лоши 15 минути во вториот дел. Исто како и во Скопје, промашивме неколку зицери во важни моменти и немавме идеја во играта „7 на 6“. На крајот, Сегед дојде до втора победа против нас “, изјави Алушовски.
Со овој пораз Вардар останува на последната позиција на табелата во групата А, а шанса за втора овосезонска победа ќе има на дуелот со норвешкиот претставник, Елверум в недела во Скопје.