петок, 17. ноември 2023. Вести денес: 0
home Ракомет

ЕП: Македонија поразена од Романија

ЕП: Македонија поразена од Романија

Најдобрите македонски ракометарки го завршија настапот на Европското првенство чиј кодомаќин е и Скопје со третиот пораз во групната фаза, вечерва од Романија, со 23-31.

Мечот овој пат не почна со висока негатива и Македонија имаше можност постојано да врши притисок на Романките, кои сепак, постојано водеа. Отпочеток минимално, некаде до 18. минута, кога беше 8-8. Тогаш настапи првиот застој во македонскиот напад, па Романија направи серија од 3-0.

Но, наместо да падне, Македонија ја стегна одбраната, одигра потрпеливо во напад и до крајот на полувремето резултатот го сведовме на 12-13.

Вториот дел, за жал, почна полошо за избраничките на Љубомир Савевски и на првиот гол чекавме дури до 37. минута. Една од главните виновнички за тоа беше голманката, Дачана Хосу, која запиша девет одбрани само во вторите 30 минути.

И помогна на Романија да направи разлика и да се одлепи на 16-12. Таа предност поискусните Романки умееја не само да ја чуваат, туку и да ја надградат до крајот до највисоки плус осум.

Сања Дабевска со седум гола и Симона Маџовска со пет беа најефикасни во нашиот состав, а Кристина Неагу го изрешета нашиот гол со 10 погодоци. Голманката Хосу заврши со 12 одбрани. Романија со два бода го освојува третото место во групата Ц и продолжува во втората фаза, пред Македонија, која остана последна без бодови.