Екипата на Татабања ќе биде следната дестинација на младиот десен бек на Еурофарм Пелистер, Матео Мараш. Попладнево, унгарскиот клуб се пофали дека го договори потписот на хрватскиот репрезентативец, за кој мораше да плати обештетување.
Мараш има важечки договор со Еурофам Пелистер до јуни 2023 година, и може да го напушти битолскиот клуб само во случај ако некој ја активира откупната клаузула од договорот.
„РК Еурофарм Пелистер ја известува јавноста дека клубот Татабања од Унгарија нè информира дека е подготвен да ја плати откупната клаузула од договорот на ракометарот Матео Мараш, кој има активен договор со нашиот клуб. По комплетирањето на трансакцијата и на истекот од тековната сезона, договорот може да биде комплетиран, почнувајќи од сезоната 2022/23.
РК Еурофарм Пелистер се заблагодарува на унгарскиот клуб за професионалниот пристап и на ракометарот за спортскиот ангажман“, велат од редовите на Еурофарм Пелистер.
Мараш не е единствениот пелистерец кој следната сезона се сели во Унгарија, затоа што заедно со него за Татабања ќе земине и српскиот бек Немања Обрадовиќ.