понеделник, 20. ноември 2023. Вести денес: 0
home Ракомет

Филип Лазаров: Против Хрватска е најважниот натпревар на ова првенство

Филип Лазаров: Против Хрватска е најважниот натпревар на ова првенство

Филип Лазаров одигра солиден натпревар против Бахреин, кој репрезентацијата на Македонија го доби со 28-23 во „Олимпик хале“ во Минхен попладнево, а по мечот го потврди мислењето на својот колега Филип Талески, дека дуелот беше добиен со добра игра во одбраната.

– Одбраната го доби дуелот. Бахреин се мачеше цел натпревар во нападот, освен при некои шутеви кои тешко се бранат и тоа го покажува резултатот. На минатиот натпревар примивме 29 гола и сите имаа забелешки за тоа. Сега примивме 6 помалку со тоа што последните 10-15 минути се играа порелаксирано, па затоа треба да бидеме задоволни, изјави помалиот од браќата Лазарови веднаш по мечот.

Остана впечатокот дека репрезентацијата може и подобро да се претстави, оценка со која Лазаров се согласи, но сепак младите добија шанса во последните десетина минути, што е непроценливо искуство за нив.

За ракометарот на Ратинген, утре против Хрватска е најважниот натпревар на ова првенство за македонскиот тим.

– За нас утре е најважниот натпревар на ова првенство и ќе видиме колкава ни е силата во моментов. Имаме доволно квалитет за да излеземе на секој натпревар за победа. Хрватска е фаворит и за нијанса е посилна, има поголем ростер на играчи, поискусни и поквалитетни можеби, но на теренот ништо не се знае и ќе ја чекаме нашата шанса. Ќе дадеме се од себе и се надеваме на позитивен резултат, сподели Лазаров.

Тој додаде дека нема да се калкулира во утрешниот меч, за да се дочека мечот со Исланд со повеќе сили.

– Неможеш да излезеш на натпревар и да калкулираш, не постои такво нешто. Ако се размислува за такво нешто, тоа би било евентуално против Шпанија. Но знаејќи го селекторот ние ќе одиме на победа до крај и ќе видиме што ќе се случи.

МИА