Дејан Манасков вечерва беше еден од најдобрите наши ракометари и со осум погодоци ја предводеше Македонија до голема победа во воведниот меч од Европското првенство во Хрватска против Словенија.
Нашето лево крило играше очајно во првото полувреме, со тоа што ги промаши сите четири обиди во дуелот со словенечкиот голман Скок.
Тоа секако беше причина за големи критики на сметка на Манасков, но својот квалитет синот на нашата ракометна легенда Пепи Манасков го потврди во вториот дел кога беше незапирлив за Словенците.
Низ социјалните мрежи кружи една интересна фотографија за тоа како велешаните, а воопшто и цела Македонија ја доживуваше играта на Манасков во првото односно второто полувреме.
По натпреварот против Словенија своите импресии ги кажа и Дејан Манасков, кој по катастрофалното прво полувреме, каде што промаши неколку зицери, во второто беше можеби и најдобриот наш играч.
– Одигравме доста тежок меч, и среќен сум што го добивме овој важен дуел. Притисокот беше голем, бидејќи секогаш е најтешко на почетните мечеви на првенствата. Натпреварот не го почнавме баш најдобро, имавме неколку промашувања и загубени топки, но во завршницата од првото полувреме ја подобривме нашата игра и стигнавме до изедначување. Во второто полувреме бевме многу поборбени и поефикасни што резултираше со оваа важна победа – изјави Манасков по натпреварот.