Поранешниот голман на Вардар, Арпад Штербик објави крај на ракометната кариера поради коронавирусот.
Миленикот на вардаровите навивачи, кој сега е под договор со Веспрем, вели дека веќе го одиграл својот последен натпревар во кариерата. Не верува дека со своите 41 година ќе може да се врати на ракометните терени по оваа пауза поради пандемијата од коронавирусот.
„Ова за мене беше исклучително тешка одлука. Искрено ќе ви кажам, би ми било многу тешко повторно да се активирам по една долга пауза. Мислам дека дуелот со Татабања официјално беше мојот последен натпревар во кариерата. Жал ми е што нема да бидам во можност да одиграм уште еден фајнл-фор турнир во Лигата на шампиони, сакав уште еднаш да ја нападнам европската титула, меѓутоа во овие околности тоа за мене е невозможна мисија“, истакна Штербик.
Легендарниот голман го бранеше голот на Вардар од 2014 до 2018 година и беше дел од шампионската генерација, која во 2017 година за прв пат го крена пехарот во ЛШ.
Претходно имаше освоено три вакви трофеи, а бранеше за тимовите на Барселона, Атлетико Мадрид, Сиудад Реал и Веспрем. На стартот на својата кариера ги бранеше боите на Југославија и освои две бронзи на Светските првенства во Еипет 1999 и Франција две години подоцна. Потоа го смени државјанството и настапуваше за Шпанија со која пак дојде до злато на СП во 2013 и бронза во 2011, а на Европските првенства освои злато во Хрватска во 2018 година и сребро две години претходно во Полска.