Без селекторот Кирил Лазаров и без уште неколку интернационалци, македонските ракометни репрезентативци почнаа да се комплетираат во базата во хотелот „Александар Палас“ во Скопје.
Веќе од утре сите ќе пристигнуваат и ќе почнат со тренинзите. Планирани се по два дневно се до четврток во 19 часот, кога почнува мечот со Романија.
Романците не се потценуваат, дури и од помладите ракометари, како десното крило, Ненад Костески.
„Почнуваме со подготовки за овој бараж, противник ни е Романија, која не смееме да ја потцениме бидејќи станува збор за многу квалитетна репрезентација. Го имаме овој период за да се подготвиме и да ја прикажеме најдобрата игра за да го поминеме овој прв дел од баражот, па чекор по чекор да почнеме да размислуваме за пласман на Светското првенство“, вели Костески.
„Ќе гледаме видеа од Романија и ќе анализираме, иако знаеме дел од играчите. Сметам дека ќе се подготвиме добро и ќе се прикажеме во најдобро светло. Во овој бараж ние важиме за фаворити, но секако треба тоа да го докажеме и на терен и нормално се надевам на победа и пласман понатаму“, заврши ракометарот на Е.Пелистер.