недела, 19. ноември 2023. Вести денес: 0
home Ракомет

Лазаров: Ќе тргнеме скромно, а ќе дадеме сѐ за пласман во вториот круг!

Лазаров: Ќе тргнеме скромно, а ќе дадеме сѐ за пласман во вториот круг!

Одбројувањето до нов ракометен јануари почна официјално денеска, со првиот собир на машката репрезентација, кој означи почеток на подготовките за Светското првенство во Шведска и во Полска. Кире Лазаров и минатата зима ја предводеше Македонија на големо натпреварување (во Дебрецен, на ЕП), но сега првпат ќе кова стратегија за СП, како „пензиониран“ репрезентативец и најважно – конечно со подмладена репрезентација.

Лазаров вели дека ќе црпат мотивација од успешните квалификации, кои ѝ влеаја самодоверба на селекцијата. Македонија ќе настапи на големо натпреварување 12. година во низа, почнувајќи од ЕП во Србија во 2012 и на шесто СП едноподруго.

„Имавме тешка работа да се пласираме на ова СП, за првпат имавме два баража, кои ги поминавме успешно против две квалитетни репрезентации како Романија и Чешка, кои вложуваат многу во ракометот. Успеавме во нашата цел за време на процес на смена на целата генерација. Го одржавме континуитетот со пласманите на големите натпреварувања во последната деценија и затоа сум горд на целиот тим и федерацијата. Пред нас е нов предизвик, мислам дека имаме многу млада и талентирана репрезентација, иако можеби е неискусна за вакви натпреварувања затоа што квалификациски натпревари се едно, а големи натпревари се друго. Имаме доволно време да се подготвиме, ме радува тоа што сме речиси комплетни од почетокот“, вели Лазаров.

На првиот собир селекторот ги пречека, речиси, сите репрезентативци, со исклучок на двајца интернационалци, Никола Митревски од Порто и Филип Кузмановски. Првиот ќе се приклучи во текот на неделава, а вториот ќе дојде на 28 декември, еден ден штом завршат обврските во Бундеслигата. Нивниот придонес ќе биде клучен во натпреварите во тешката група во Краков.

„Имаме тешка група, каде што е една Норвешка за која нема потреба да се трошат зборови, Холандија која е во страшен подем и игра модерен и брз ракомет, како и Аргентина која на последното првенство направи проблеми на многу големи рерпезентации. Ќе тргнеме скромно, посакувам да останеме здрави до почетокот на првенството. Кај ракометарите постои огромна желба и мотивираност, а тоа ме радува. Успех е и самиот пласман на самото Светско, меѓутоа ќе дадеме сè да се пласираме во вториот круг, иако нема да биде лесно. Ќе се обидеме да направиме некое изненадување како аутсајдери“, истакна Лазаров.

Подготовките ќе течат во „Борис Трајковски“, а до 11 јануари, кога стартува СП, предвидени се четири подготвителни средби, две со Црна Гора пред Нова Година и со Хрватска и со Израел по 1 јануари.