Македонскиот ракометен селектор Кирил Лазаров денеска ги собра ракометарите за она што следи овој месец, односно двата квалификациски дуели за Европското првенство против Луксембург и Турција.
Лазаров пред неколку дена направи сериозен пресек и се одлучи за 21 ракометар за овие два меча, пред кои легендата порача дека следи напорен период во кој треба да се надогради она што го почна во својот мандат како селектор на најсилната селекција.Поранешниот капитен веќе има улога само на селектор и нема да им помага на соиграчите на теренот, а таму ќе ги нема ниту Филип Миркуловски и Столе Стоилов.
– Ова е нова репрезентација на Македонија, сосема поразлична од претходната и на онаа на која навикнав. Веќе ги нема Миркуловски, Стоилов и Лазаров. Подмладени сме, но има и неколку поискусни играчи како што се Пешевски и Митревски. Ќе градиме еден нов систем, практично треба да го доградиме системот тој веќе го започнавме.Најголем дел од ракометарите се играчи кои можат добро да одговорат во двата правци. Ќе пробаме да го диктираме тоа, да играме еден нов модерен ракомет. Следат противници кои не треба да ги потцениме, иако на хартија сме поквалитетни од нив. Треба да го оправдаме тоа, на мечот против Турција македонската публика ќе може да ја види смената на генерации и комплетно новата Македонија, – изјави Лазаров на денешниот прв собир.