четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Ракомет

Лазаров: Не беше време за пензија и простување, драго ми е за моите момци!

Лазаров: Не беше време за пензија и простување, драго ми е за моите момци!
ФОТО: Гол,мк

Ракометната репрезентација на Македонија по голема драма ја совлада Чешка (27-25) на домашен терен и успеа да се пласира на ново Светско првенство (СП) во историјата. Селекторот и капитен на македонската репрезентација Кирил Лазаров по дуелот направи анализа на средбата и истакна дека триумфот е заслужен.

„Мислам дека победивме заслужено, демонстриравме квалитет. Единствено што ме плашеше пред мечот, тоа се случи, тоа беше да изгориме од желба и да не знаеме да го приведеме мечот до крај со повеќе голови разлика, а не со два до три гола. Во првиот дел заслуживме да водиме повеќе, но се мачевме до крајот како и секогаш. Македонија е позната по тоа. Минавме две моќни репрезентации, Романија и Чешка, кои ќе значат нешто во европскиот ракомет. Сакам да им честитам на сите момци кои го дадоа најдоброто од себе и тоа на крајот од сезоните. Пресреќен сум, ова е голем резултат за Македонија. Бевме скептици по СП во Египет и ЕП во Австрија дека без Кирил Лазаров и Филип Миркуловски нема да има квалитетна македонска репрезентација, но се изборивме. Имаме добри шанси да играме и на следното ЕП, но мора да работиме сериозно. Драго ми е за Филип Кузмановски и Филип Талески како за мои деца, им се поставувам како татко, ги бодрам секогаш, затоа што знам како им беше. Не е лесно да се биде репрезентативец на Македонија“, изјави Лазаров.

Потоа, капитенот и селекторот на македонската репрезентација прокоментира за последниот меч на Филип Миркуловски.

„Имав доста главоболки пред натпреварот знаејќи дека за Миркуловски ова ќе биде последен меч. Со огледна возраста тоа е краткорочно. Несакајќи да му одземам минути, му дадовме улога, учествуваше во победата со огромен придонес. Миркуловски е еден посебен човек со чиста душа, чисто срце и секогаш сака да даде плус за Македонија и колективот, а не гледа на индивидуалните признанија“, додаде Лазаров.

Многумина очекуваа пензија на Лазаров на оваа средба, меѓутоа тоа не се случи. Дали постојат шанси тој да заигра и на Светското првенство?

„Кажав уште во изјавите дека сега не е време за пензија и простувања, најважно е Македонија да игра на СП. Мора да ја негуваме традицијата и во тешки моменти да дадеме поддршка. Полека излегуваме на површина и градиме нова репрезентација затоа што народот и Македонија ја сака и ја почитува оваа ракометна селекција. Мислам дека, 90% ќе ме гледате во тренерка на следното СП. Ја продолжив кариерата на уште една година поради ковидот и поради Македонија. Благодарност до целта јавност, благодарност до оваа феноменална публика, благодарност и до сите критичари и поддржувачи“, заврши најдобриот македонски ракометар.

Настапот на СП 2023 во Шведска и Полска ќе биде тринаесетто за Македонија во низа. Нашиот национален тим на ждрепката ќе биде во вториот шешир.