Љубомир Савевски е назначен за нов селектор на женската ракометна репрезентација на Македонија.
Стручњакот кој од јуни досега работеше како координатор на младите селекции, а со У17 тимот дојде и до трофеј на ЕХФ шампионатот во Литванија, во наредните две сезони ќе биде селектор и на првиот тим. Ракометната федерација на Македонија, со официјално соопштение ја потврди промената на функцијата на Савевски.
„Ве информираме дека Управниот одбор на Ракометната Федерација на Македонија донесе одлука за именување на досегашниот координатор на женски национални селекции Љубомир Савевски за селектор и координатор на националните селекции во женска конкуренција.Љубомир Савевски функцијата координатор на националните женски селекции ја извршување во период јуни – август 2021 година на ЕХФ шампионатите кои се одржуваа во Скопје и Клаипеда, каде имаше извонреден успех со генерацијата У17, на првенството кое се одржуваше во Литванија, освојувајќи го првото место. Љубомир Савевски, започнувајќи од септември 2021 година, функцијата за која е именуван, ќе ја извршува за период од две години“, се вели во соопштението на федерацијата. Савевски во наредните две години, ќе се грижи за сите женски репрезентации, бидејќи ќе работи и како селектор и како координатор во сите генерации. Во минатото, овој човек кратко беше селектор на дамите, а мина и епизода во машкиот сениорски тим. Покрај тоа, го водеше Кометал Ѓорче Петров, Вардар и Пелистер. Савевски на позицијата селектор на женската репрезентација на Македонија го наследи Симе Симовски.