Женската кадетска ракометна репрезентација на Македонија со убедливи 32-13 го победи Сенегал во првиот настап на Светското првенство кое се одржува во Скопје.
Мечот беше одложен за еден час бидејќи Сенегалките на скопскиот аеродром пристигнаа во 19:30 часот и веднаш се упатија во СЦ „Борис Трајковски“, практично од авион на терен.
Македонија е секако поквалитетна селекција, а кога на тоа ќе се додаде и уморот на ракометарките на Сенегал, победата беше лесна.
Македонија имаше убедливи 17-7 по првото полувреме, во вториот дел ја зголемувавме предноста до конечни 32-13.
По пет голови постигнаа Дускоска, Ризоска, Бојана и Борјана Коцева.Во нашата група Б Македонија и Иран имаат по една победа, а Сенегал и Узбекистан по еден пораз.
Следниот меч на Македонија е против Узбекистан, вечерва во 20:30 часот.