петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Ракомет

Македонските ракометарки поразени од Франција на стартот на Еуро 2022

Македонските ракометарки поразени од Франција на стартот на Еуро 2022

Македонската ракометна репрезентација вечерва загуби од Франција со 14:24 во својот прв настап на Европското првенство 2022.

Избраничките на селекторот Љубомир Савевски, натпреварот во СЦ „Борис Трајковски“ го почнаа лошо и по 15 минути имаа негатива од 0:5. На првиот наш гол се чекаше 16. минута кога погоди Јована Кипријановска. Во 21. минута македонската репрезентација се доближи на 3:6, но повторно следуваа пет врзани гола на Французинките за највисоки +8 во првото полувреме (3:11). На паузата се отиде со резултат 5:12.

Франција која пред средбата важеше за апсолутен фаворит слично го почна и второто полувреме. Со серија од 3:0 за првпат стигна до двоцифрена предност (5:15). Оваа разлика им овозможи на гостинките со рутинирана игра да дојдат до сигурна победа.

Најефикасна во македонскиот состав воедно и натпреварот беше Моника Јанеска со пет голови.

„Црвено-жолтите“ бодрени од околу 3.000 гледачи вечерва не успеаја да направат изненадување, па шансата за први бодови ќе ја бараат в понеделник против Холандија.

Холанѓанките во терминот од 20:30 часот, исто така во „Борис Трајковски“ ќе играат со Романија по што ќе се комплетира првото коло во Ц-групата на Еуро 2022.