Македонскиот репрезентативец Дејан Манасков се очекува да биде ударна сила на Вардар 1961 по враќањето во овој клуб. Трансферот во скопскиот тим беше изненадувачки за многумина, а крилото веќе покажа дека ќе биде сериозно засилување.
Манасков во гостување на интернет емисија реши да проговори за одлуката за кам-бек во Вардар. Тој откри дека претходно му пропаднале два трансфери, па решил да се врати и да му помогне на својот поранешен клуб.
„Понеколку години во странство и повредата која ме оддалечи од терените, во недостаток на опции и пропаднати два трансфери, одлучив да ја прифатам понудата на Вардар. Сакам да му помогнам на клубот да дојде до посакуваните цели, да ја освои титулата и пак да игра во Лигата на шампионите.
Дисквалификацијата беше нефер, ама тука има други фактори за кои не сакам да зборувам. ЕХФ одлучи поради долгови да го суспендира клубот, а тоа е на штета на македонскиот ракомет. Оваа година ќе играме во Суперлигата и СЕХА. Клубот е на стабилни нозе, можеби не е буџетот висок каков што беше, ама има пристојни финансии. Сметам дека до крајот на оваа сезона ќе се обезбеди иднината и Вардар пак ќе има силна екипа“, кажа Манасков во гостувањето во „Жешко столче“.
Својата играчка кариера Манасков ја започна во Металург. Во 2014 година замина во Германија и играше во Вецлар, пред да се врати и да мине една сезона во Вардар. Следеше трансфер во Рај Некар Левен, ама и таа германска авантура траеше една година, по што Манасков прејде во Веспрем и играше во Унгарија до ова лето.