четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Ракомет

Марјан Начевски го доби случајот со РФМ на Арбитражниот суд на ЕХФ

Марјан Начевски го доби случајот со РФМ на Арбитражниот суд на ЕХФ

Познатиот македонски ракометен работник Марјан Начевски се враќа во ракометот, откако ја доби правната битка против Ракометната федерација на Македонија што се водеше пред Арбитражниот Суд на ЕХФ.

Со едногласна одлука Арбитражниот Суд на ЕХФ ја укина и прогласи за ништовна пресудата на Дисциплинската комисија на РФМ со која Марјан Начевски беше доживотно исклучен од РФМ. Исто така РФМ ќе треба да плати и парична сума бидејќи го загуби процесот што се водеше.

Одлуките на Арбитражниот суд се конечни и на нив нема право на жалба. Тоа значи дека Марјан Начевски повторно ќе може да биде дел од РФМ и да биде номиниран како делегат на натпревари, а исто така и да продолжи да биде делегат на меѓународни натпревари во организација на ЕХФ и ИХФ. РФМ ќе мора да ја почитува одлуката на Арбитражниот Суд на ЕХФ бидејќи се членки на европската куќа на ракометот.

Правниот процес пред Арбитражниот Суд на ЕХФ се водеше последните неколку месеци, а Начевски докажа дека бил осуден без доволно докази и дека наместо РФМ да докаже дека тој направил престап, тој морал самиот да се брани и да докажува дека не го направил делото. Арбитражниот суд на ЕХФ утврдил дека процедурата што се водела пред првостепената комисија била со недостатоци и дека поради тоа истата не може да се смета за валидна. Арбитражниот суд утврдил и дека има ингеренции да решава за случајот бидејќи се исполнети сите услови за тоа.

Начевски во мај лани беше исклучен од РФМ по пријава на Мирјета Бајрамоска, член на УО на РФМ и поранешна репрезентативка.

„Како причина за поднесената пријава наведени се вербални навреди упатени кон подносителот на пријавата, од страна на пријавениот, изнесени на агресивен начин и со висок тон, вклучително погрдни и недолични навреди кон федерацијата, националните селекции, играчите, и други личности прозвани во отсуство, за време на меѓународен репрезентативен настап,  на кој пријавениот присуствувал без соодветна акредитација“, пишуваше во соопштението на РФМ испратено до јавноста.