Раководството на РК Вардар вчера беше шокирано со веста дека треба да плати еден милион евра на Европската ракометна федерација (ЕХФ), како гаранција за настап во претстојната сезона во Лигата на шампионите. Денеска Спорт1 побара став од првиот човек на клубот, Михајло Михајловски, а тој не е многу среќен со новонастанатата состојба и најави дека ќе ја бараат правдата.
Михајловски откри дека ЕХФ уште порано овој месец пуштила официјален допис со кој го ставила во прашање учеството на Вардар во Лигата на шампионите. Меѓутоа Ракометната федерација на Македонија (РФМ) го пријави Вардар за учесник, како легитимен шампион, а од клубот дополнително испратиле писмен одговор со образложение и поддршка од РФМ дека Вардар нема пречки да учествува.
„Оттогаш немаше никаков повратен одговор од ЕХФ и затоа сега наеднаш кога го објавија ова за еден милион евра ние се изненадивме. Во нашето писмо до ЕХФ доставивме образложение зошто имаме право да играме и очекувавме барем одговор. И од РФМ информираа дека, како национално тело надлежно за ракометот, никој не кренал постапка кај нив да бара пари од Вардар. Значи Вардар е чист клуб, ние веќе пративме и до ЕХФ потврда за нашите засилувања за следната сезона, а за долгови не станува збор“, рече Михајловски, продолжувајќи да ја објаснува ситуацијата на која ЕХФ алудира – долговите на Самсоненко.
Меѓутоа и за нив Михајловски вели дека веќе почнале да се исплаќаат и дека не постои основа за ваков напад врз Вардар. Поради тоа, одлуката на ЕХФ ќе ја оспорат и ќе бараат промена.
„Ние и минатата сезона имавме таков договор со ЕХФ, да играме во ЛШ, под гаранција дека Самсоненко ќе ги исплати заостанатите долгови заклучно со 28 февруари 2021 година. Точно дека тој датум е пречекорен, но господинот Самсоненко веќе ги отплаќа долговите и колку што знам, преку 50 отсто од нив се подмирени. Тој има меѓусебни договори со играчите и ме информира дека тој датум е пролонгиран до 31 декември 2021. Она што е важно дека никој не поднел барање за некаков долг од овој Вардар, не се води некаква судска постапка ни во ЕХФ, ни никаде, така што клубот е чист и на која основа да ги дава тие еден милион евра. Ние ќе ја оспориме оваа одлука на ЕХФ, бидејќи не постои правна основа“, се изјасни Михајловски.
Според одлуката на ЕХФ, Вардар има рок да плати до крајот на јули, меѓутоа ваквиот стах на клубот може да ги промени работите.