Филип Миркуловски и пред самиот крај на кариерата е тука за да и помогне на македонската репрезентација, па искусниот бек на Вецлар ќе биде значаен адут на селекторот Лазаров во битките со Романија во баражот за СП 2023.
„Одлична вест е што ќе играме пред полна сала по две и пол години. Искрено се надевам на полна сала, особено по она што се случи на последното ЕП, сите сакаме да покажеме дека сме подобри од она што го прикажавме во Дебрецин. Се надевам на успех во двомечот со Романците, па потоа дека баражите со Чешка ќе бидат последни за мене и за Кире Лазаров. Постои притисок, но верувам дека сме доволно искусни, сите сакаме победа и верувам дека ќе успееме во тоа. Во 2018 година релативно лесно ја минавме Романија, но сега ќе биде многу потешко бидејќи тие се напреднати, сакаат машкиот ракомет да излезе од сенката на женскиот, па одат напред под водство на елитен стратег каков што е Чави Пасквал“, истакна Миркуловски.