Македонската женска ракометна репрезентација в сабота во Скопје го игра првиот натпревар од баражот за пласман на Светското првенство.
Нашата селекција по учеството на континенталниот шампионат има можност да почне една нова традиција и да ја продолжи низата на настапи на големите натпреварувања.
Оваа нова, млада генерација покажа дека може да биде рамноправна и со селекции од самиот врв на европскиот ракомет и со право се надева на успех во двете соочувања со Украина.
“Од моментот кога ја добивме Украина за противник во баражот за Светското првенство, ние се фокусираме на овој дуел. Сметам дека имавме доволно за да се подготвиме и сега ни останува само да ги одржиме завршните тренинзи и се надевам дека ќе успееме во обидот да обезбедиме пласман на Светското првенство”, изјави нашата голманка Јована Мицевска.