Претседателот на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), Живко Мукаетов, заедно со ракометарите ја прослави победата на нашата селекција против Чешка (27-25) која донесе пласман на Светското првенство (СП) кое во 2023 година ќе се игра во Шведска и Полска.
По натпреварот во СЦ „Борис Трајковски“ кој се одигра пред 7.000 гледачи, првиот човек на мак-ракометот истакна дека е горд и пресреќен на успехот и им честита на ракометарите за новиот Мундијал.
„Пресреќен сум, овие момци покажаа дека имаат и квалитет, и карактер и сè останато. Имаме сериозна иднина во машкиот, а јас се надевам и во женскиот ракомет. Напред Македонија, тука сме заедно да градиме успешна приказна, уште повеќе да инвестираме во македонски ракометари, во развој на македонскиот ракомет. Македонските спортисти покажуваат што значи да се има достоинство и како се бори за сопствената држава“, рече Мукаетов.
Македонија на ждрепката за СП 2023 ќе се најде во вториот шешир. Се чека на комплетирањето на сите учесници, а групите ќе бидат познати на 2 јули откако ќе бидат извлечени во Катовице.